Живот полн предизвици
Баба Мими е едно од најпознатите животни во ЗОО Скопје и најстара во групата шимпанза. Родена во 1962 година, таа важи за едно од највозрасните шимпанза во Европа, па дури и во светот.
Нејзиниот животен пат бил тежок – настапувала во циркус, а подоцна, поради болест, живеела во цвеќарница во Германија и поминала период во рехабилитационен центар за спасени примати во Холандија.
Во 2019 година, Мими доби нов, мирен дом во Скопје, каде што секојдневно добива посебна нега и внимание од нашиот тим.
Пензионерски денови полни мир
Денес, Мими ужива во своето пензионерско секојдневие со специјална исхрана, медицинска терапија и грижа од зоонегователите.
Позната е по својот мирен карактер – сака удобност, си прави „гнездо“ од ќебиња и често делува смирувачки на другите шимпанза, Коко и Изи.
Најмногу ужива да мириса цвеќиња, навика што ја донела од долгите денови поминати во германската цвеќарница.
Симбол на топлина и грижа
Нашата Мимушка е вистински симбол на топлина, грижа и достоинствена старост. Нејзиниот живот ни покажува дека со љубов и внимание секое суштество може да има мирен и среќен живот, без оглед на минатото.